Јуве е на турнеjа во САД, а Рабио ќе тренира со младинците

Адриен Рабио е чекори поблиску до заминување од Јувентус откако „старата дама“ дополнително го понижи францускиот репрезентативец, испраќајќи го во тренинг-камп со младинскиот тим на „црно-белите“ од Торино.

Првотимците на Јуве веќе неколку дена се на турнеа во САД, а Рабио не се најде на списокот на патници, при што како причина беа наведени семејни проблеми. Тој не е дел од плановите на Алегри за наредната сезона, Јуве се мачи да го продаде, а во меѓувреме ќе продолжи да работи со младинскиот тим откако беше ставен на листата на играчи до 23 години кои ќе заминат на тренинг-камп.

Рабио има уште една година од договорот со Јувентус, „старата дама“ бара 15 милиони евра за негов трансфер, но ниту еден клуб досега не понудил ни приближна сума за да го доведе овој фудбалер во своите редови. Изолацијата сепак не се чини како паметен потег, особено ако се знае дека Рабио веќе е навикнат на такви работи бидејќи ја мина целата последна сезона од договорот со ПСЖ тренирајќи индивидуално или со младинците, по што како слободен играч си замина од „Паркот на принцовите“.

Се вчитува...