Тухел бесен на Челси: Пола играчи размислуваат за заминување, згазени сме од тим што не игра во ЛШ

Томас Тухел има причина за загриженост поради слабата форма на Челси на две седмици пред стартот од новата премиерлигашка сезона. Американските газди се мачат да ги донесат посакуваните засилувања, па иако Стерлинг и Кулибали веќе потпишаа очигледно е дека на „сините“ ќе им бидат неопходни нови играчи доколку сакаат да се борат за висок пласман.

Дното беше допрено со синоќешниот пораз од 4-0 од Арсенал, резултат што дефинитивно тешко му падна на германскиот стратег.

„Не паметам кога последен пат имам загубено две пријателски средби во низа. Овие мечеви ми се многу важни бидејќи преку нив се гради атмосферата во екипата, се крева самодовербата. Ментално бевме тотално во аут, што и не е толку чудно ако знаете дека половина играчи размислуваат за заминување. Не можеме да се надеваме на ништо друго додека не се среди ситуацијата во клубот. Сите мораме да го преземеме својот дел од одговорноста и заеднички да се обидеме да ја промениме ситуацијата, која не изгледа нималку добро. Единствена светла точка беше Кулибали, кој одигра без грешка. Секако дека сум лут, па бевме прегазени од екипа што воопшто не игра во Лигата на Шампионите“, изјави Тухел.

Време има се помалку, ако се знае дека новата сезона во Премиер-лигата почнува за две седмици, а Челси во првото коло на 6 август му гостува на Евертон.

Се вчитува...