Македонскиот голман Столе Димитриевски би можел за соиграч во Рајо Валјекано во следната сезона да го има Диего Коста, откако раководството на мадридскиот клуб испрати понуда за да го доведе Бразилецот со шпански пасош во своите редови.
Коста (33 години) е далеку од посакуваната форма, ланската сезона ја мина во Атлетико Минеиро, но не ја крие желбата да се врати во Шпанија, поточно во Мадрид, каде ги мина најубавите денови во кариерата. Челниците на Рајо играат токму на оваа карта, па испратиле понуда од еден милион евра годишна плата плус бонуси. Станува збор за понуда пониска од останатите што ги има добиено искусниот голгетер, но Коста сигурно добро ќе размисли, доколку искрено посакува да се врати во Мадрид.
Она што е интересно, Диего Коста има настапувано за Рајо Валјекано, и тоа на позајмица од Атлетико Мадрид во 2012 година. Тогаш тој настапи на 16 средби за Рајо, притоа постигнувајќи 10 погодоци, по што се врати назад во Атлетико и го зацементира своето место во тимот на „јорганџиите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

