Академија ФМП беше едно од пријатните изненадувања во последните години во мак-баскетот. Тимот од Кислеа Вода дебитираше во „елитата“ во сезоната 2019/20, а неполн месец подоцна стигна и до првата голема победа, оваа против нашиот најтрофеен клуб, Работнички.
Во тритте сезони поминати во Првата кошаркарска лига клубот успеа да се наметне како незгоден противник притоа совладувајќи ги МЗТ Скопје, Гостивар, Еуро Никел, ТФТ…, елиминирајќи го и Пелситер во четвртфиналето од Купот на Македонија во 2021 година, забeлежувајќи настапи и во разигрувањето во истата сезона, беше дел и од БИБЛ лигата, а и на добар пат да стигне до плеј-офот ланската сезона се додека не се појавија проблеми со обврската за реформација во Акционерско друштво (А.Д).
Поради истата наместо во Суперлигата тимот заигра во плеј-аутот, а овој пат истиот проблем може да го одземе и прволигашкиот статус на тимот од Кисела Вода.
Имено, според новите правила на КФМ секој тим кој ќе настапува и во регуларниот дел од сезоната мора да биде А.Д., а рокот за промена е до 15. август. Засега нема информации дали „академиците“ овој пат ќе успеат да ја направат реформацијата, но според неативираноста на трансфер маркетот може да заклучиме дека на клубот не му се пишува добро.
Ланските заминувања на Бре Ајви (МЗТ Скопје), Лука Стојановски (Еуро Никел), Стефан Крстајиќ (Пелистер) и Славчо Темелковски (Ангели), беа продолжени со летните трансфери на Оливер Двојаковски (Пелистер) и Леонид Тодоровски (Работнички), а на прагот на заминување е и Филип Бакоч.
Академија ФМП и покрај прволигашките проблеми остана активен клуб во младинските категории каде стигна до сребрениот медал во категоријата за играчи до 16 години па останува да видиме дали ќе успее да ја направи потребната реформација и ќе им даде шанса на младинците во Првата лига или пак неславно ќе замине од прволигашката карта за уште една македонска кошаркарска „класика“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА