Бешикташ се откажа, Алиоски мора да се врати во Ал Ахли

Езгијан Алиоски се соочи со неочекуван проблем во обид да најде нов ангажман откако Ал Ахли испадна од елитното фудбалско друштво во Саудиска Арабија, по што македонскиот репрезентативец доби зелено светло за заминување на позајмица од овој клуб. Трансферот во Трабзонспор пропадна во последен момент, минатата седмица беше најавено дека Алиоски дефинитивно ќе се пресели во Бешикташ, но според последните информации падна во вода и оваа опција за офанзивниот лев бек да се пресели во Турција.

„Црно-белите“ од Истанбул интензивно преговараа во последните денови, но не успеале да постигнат целосен договор, по што разговорите се прекинати. Ал Ахли претходно објави дека Алиоски нема да учествува во тренинг-кампот во Турција, но по последниот развој на настаните и компликациите во продажбата Македонецот сега доби нова наредба – што поскоро да почне со тренинзи со Ал Ахли и да му се стави на располагање на новиот тренер.

Јасно е дека агентот на Алиоски ќе ја продолжи потрагата по нов клуб, но станува јасно дека таа ќе оди многу потешко од очекувањата, откако врвните турски клубови во последен момент се повлекоа од намерата да го доведат нашиот интернационалец во своите редови.

Се вчитува...