Јувентус ја заврши приказната со едно од најголемите промашувања во клупската историја откако денеска и официјално го раскина договорот со Арон Рамзи.
Велшкиот ас пристигна во Јувентус во 2019 година како слободен играч од Арсенал, за плата од огромни седум милиони евра по сезона. Рамзи во ниту еден момент не ја оправда довербата, не се снајде кај ниту еден од неколкуте тренери што се сменија во Јуве, а вториот дел од ланската сезона ја мина на позајмица во Глазгов Ренџерс, но ниту таму не се прослави.
Тој имаше уште една година од актуелниот договор, но Јувентус инсистираше на предвремен раскин за што поскоро да се ослободи од искусниот играч за врска. Понудата од два милиони евра како „отпремнина“ беше одбиена, но откако Јувентус понуди три милиони, Рамзи се согласи да си ги спакува куферите и да се врати назад во татковината.
Според британските медиуми, Велшанецот е блиску до потпис со екипата на Кардиф во Чемпионшип-дивизијата.
Што се однесува до Јувентус, се очекува „старата дама“ во наредните денови да го комплетира доаѓањето на Паредес од ПСЖ како освежување за средниот ред.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА