Полувреме без голови на „Тодор Проески“: Шкупи и Динамо Загреб имаа 100% шанси за гол, но не реализираа!

Македонскиот шампион Шкупи игра рамноправен натпревар со Динамо Загреб на реванш-дуелот од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите. По првото полувреме е без голови, иако имаше доволно шанси и на двете страни за предност.

Во одлична атмосфера на арената „Тодор Проески“, Шкупи имаше две одлични шанси во првите 45 минути, преку Џелил Абдула во 21. минута кој со глава за малку над гредата од гостинскиот гол, убава можност имаше и Куевен во 30. минута, но и неговиот шут по асистенцијата на Сандеј Адетунџи заврши над голот на Ливаковиќ.

Најголемата шанса во првите 45 минути на мечот беше на Реналдо Цефас во 40. минута. Стрелецот на вториот гол за Шкупи од „Максимир“ одлично проби по десната страна, како “брз воз“ покрај Љубичиќ, шутираше од 16 метри но сантиметри покрај десниот дирек од голот на Динамо Загреб.

И Хрватите имаа свои шанси за гол. Петковиќ и Шпикиќ имаа убави можности во 29. и во 35. минута, но најголемата беше во првата минута од судиското продолжение кога Петковиќ изби сам пред голот на Шкупи, и кога сите очекуваа погодок се сплетка офанзивецот на гостите по што опасноста беше расчистена.

Се вчитува...