Седлоски: Горд сум на момците, бевме рамо до рамо со Динамо Загреб

Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски искажа задоволство од начинот на кој неговите фудбалери го одиграа и вториот натпревар против големиот фаворит Динамо Загреб во квалификациите за ЛШ.

Хрватите победија на искуство, а Шкупи покажа дека може против секој противник со што доби уште поголем елан за следните европски предизвици и дуелот со ирски Шамрок во квалификациите за Лигата на Европа кој чаирчани ги очекува на 4. август.

„Кога ќе се одиграа два натпревари на такво ниво со една екипа како Динамо Загреб тогаш мислам дека треба да сме задоволни. Мислам дека бевме рамноправен противник, но Динамо е таква екипа која знае да ги искористи своите пет минути. Ги предупредив на полувремето фудбалерите дека ќе тргнат агресивно на почетокот од вториот дел, но тоа е фудбалот. Искрено верувам дека ќе беше поинаку ако Цефас го дадеше голот по онаа шанса во првиот дел. Факт е дека мора да се искористуваат шансите“ – истакна Седлоски на прес-конференцијата по натпреварот, притоа дополнувајќи:

„Во секој случај горд сум на момците. Сепак треба да се потсетиме дека игравме против екипа со голем ростер на играчи, затоа мислам дека беше ова наше светло издание. Динамо победи на искуство и му посакувам успех во продолжението во Лигата на шампионите, а ние продолжуваме по нашиот европски пат. Имаме нова цел пред нас, не чекаат нови четири европски средби на кои сакаме уште подобри игри“.

Се вчитува...