Барселона создава моќен тим со кој ќе ги нападне сите трофеи во наредната сезона, но и покрај зголемените приходи каталонскиот гигант ќе има проблем да ги регистрира сите доведени засилувања.
Роберт Левандовски и Рафиња веќе играат пријателски натпревари за Барса, но двајцата офанзивци се уште не можат да бидат регистрирани од Ла Лига бидејќи буџетот за плати на Барселона е веќе надминат. Станува збор за проблем што не е нималку наивен ако се знае дека каталонците од иста причина лани не успеаја да го регистрираат Лео Меси, а на Лапорта му е јасно дека ќе мора што поскоро да продаде најмалку еден од листата најплатени играчи во клубот.
Опцијата Жерар Пике отпадна откако дефанзивецот јасно стави до знаење дека планира да ја одработи и последната година од договорот, па сега Барса е принудена по секоја цена да го продаде Френки де Јонг. Доколку успее во тоа, Лапорта би заработил околу 80 милиони евра од трансферот, но што е уште поважно – би отворил место во буџетот за плати за да ги регистрира Левандовски и Рафиња.
Проблем е што Холанѓанецот не сака да си замине и веќе го одби Манчестер Јунајтед, а одбива и да потпише нов договор за двојно помала плата, понуда што повеќе од еден месец му е на маса од управата на Барселона. На Де Јонг му се должат 19 милиони евра од последните две сезони и екс-фудбалерот на Ајакс не сака ни да чуе за заминување додека не ги добие тие пари.
Според холандските медиуми, Лапорта се наоѓа во небрано и доколку сака да се ослободи од Де Јонг ќе треба што поскоро да ги исплати овие пари, бидејќи стартот на Ла Лига е се поблиску, а јасно е дека Барса ќе сака со најсилен состав да влезе од првиот меч во новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

