Аталанта се соочува со сериозен проблем во составувањето на тимот за наредената сезона по позитивниот допинг тест што го имаше Хозе Луис Паломино.
Аргентинскиот дефанзивец минатата сезона беше стандарден кај Гасперини, а во ситуација кога Демирал се врати назад во Јувентус се очекуваше Паломино да биде „командант“ на одбраната на Аталанта за наредната сезона. Затоа, во калчолигашот од Бергамо владее шокираност што овој фудбалер бил позитивен на клостебол на антидопинг-тестирањето на крајот од месец јули.
Овој позитивен тест значи и почеток на суспензијата на Аргентинецот, а преку дисциплинска постапка ќе биде утврдено колку долго Паломино ќе отсуствува од терените. Италијанските медиуми потсетуваат дека последниот играч што бил фатен позитивен на оваа супстанца, Фабио Лусиони, беше казнет со едногодишна суспензија додека настапуваше за Беневенто во 2017.
Како што стојат работите, Аталанта ќе мора да ја мине цела сезона без овој одличен одбранбен фудбалер, па тимот од Бергамо речиси сигурно ќе мора да се активира на пазарот и да доведе нов дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

