Барселона продолжува да му набива комплекс на Челси на фудбалскиот пазар летово откако каталонскиот гигант излезе како победник и од трката по Жул Кунде, по што францускиот дефанзивец од Севилја наместо на „Стемфорд бриџ“ ќе се пресели на „Камп ноу“. Челси уште пред десетина дена имаше понуда што беше прифатена од Севилја, но на крајот како пресудна се покажа желбата на фудбалерот да остане во ЛА Лига и да му се приклучи на одличниот проект предводен од Чави.
Она што дополнително ги фрустрира челниците на Челси е фактот дека овој клуб понуди повеќе пари и на Севилја и на самиот фудбалер, но на крајот остана со празни раце. Понудата на „сините“ изнесуваше почетни 55 милиони евра плус десет милиони евра преку клаузули. Барселона долго се пазареше, на крајот понуди 50 + 10 милиони, а Севилја даде зелено светло за трансферот. Кунде ќе потпише петгодишен договор за плата од шест милиони евра, со што францускиот дефанзивец жртвуваше милион евра годишно ако се знае дека понудата од Челси беше за седум милиони евра по сезона.
Англискиот тим најавува одмазда прекинувајќи ги преговорите за продажба на Азпиликуета и Алонсо, играчи кои сакаат да се преселат во Барселона. Тухел со право е бесен, стартот на сезоната е се поблиску, а „сините“ се предалеку од составување на конкурентен тим во трката за највисок пласман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

