Шаќири: И утре на терен да покажеме дека не беше случајна победата во Рига

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Артим Шаќири нагласи дека во редовите на тетовскиот тим нема ниту најмало опуштање пред утрешниот реванш-натпревар од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига кој се игра во Скопје.

Шкендија по првиот дуел во Рига има предност од 2-1 против летонската Валмиера, но посакува триумф и утре на домашен терен.

„Подготвени сме за тоа што не чека утре. Воопшто не се залажуваме со предноста од 2-1 која ја имаме од првиот натпревар од Рига, па влегуваме во мечот од нула. Мора да се одигра максимално фокусирано на утрешниот дуел и секако желбата е нова победа и пласман во следната рунда натпревари“ – истакна Шаќири на прес-конференцијата во Скопје, притоа дополнувајќи:

„Најголемата опасност по нас се напаѓачите на Валмиера. Тие се брзи, ефикасни, но добро се спротиставивме на нивниот напад во Рига. Сега повторно мора да бидеме внимателни во одбраната, а притоа секако ќе се надигруваме максимално во офанзивата во желбата за победа. Би сакал и навивачите да ни бидат дванаесетти играч на натпреварот. Сакаме поддршка од нив, и на терен и утре во Скопје да покажеме дека не беше воопшто случајна онаа победа од пред седум дена во Летонија“.

Реванш-натпреварот меѓу Шкендија и Валмиера од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига се игра утре со почеток од 20 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...