Кристијано Роналдо и ова лето е во центарот на вниманието со неговата желба да замине од Манчестер Јунајтед во потрага по клуб кој настапува во Лигата на Шампионите. Сепак плановите на португалскиот ас не се одвиваат најдобро. Баерн Минхен, Челси и Атлетико Мадрид му кажаа „не“ на напаѓачот, но сега се појави нова опција.
Имено, како што пренесува шпанскиот „Ас“, голема желба за ангажман на Роналдо изразил претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис кој во Португалецот го гледа новиот Диего Марадона.
„Роналдо може да биде нашиот нов Марадона“, се зборовите на првиот човек на Наполи. Трансферот воедно се поклопува и со барањата на Португалецот – неаполитанците следната сезона ќе играат во Лигата на Шампионите, а адут на Де Лаурентис е и пријателството со менаџерот на Роналдо, Жорге Мендеш.
Роналдо е подготвен и да ја намали платата за 30 отсто само за да замине од Манчестер Јунајтед па останува да видиме дали ќе дојде до трансфер со кој ќе стане нов соиграч на нашиот Елиф Елмас, но и дали ќе биде новиот Марадона за Наполи и ќе донесе две шампионски титули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА