Јончевски: Сакаме да бидеме комплетни, Димитријевиќ и Јакимовски ќе бидат на мојот список, но …

Македонската кошаркарска репрезентација за помалку од еден месец ќе ги стартува претквалификациите за Евробаскет 2025, циклус во кој „црвено-жолтите“ за противници ги добија Словачка, Данска и Норвешка.

Гостувањето против Данска на 25 август воедно ќе биде и деби како нов селектор на Алек Јончевски, кој ја доби довербата на федерацијата по заминувањето на Драган Бајиќ од кормилото на националниот тим.

„Она што го кажав веднаш по именувањето за селектор се уште останува најважно – да се соберат сите расположливи сили за да можеме да играме квалитетна кошарка и да дојдеме до резултатите што ги посакуваме. Тоа е мојата прва задача во овој период, да разговарам со кошаркарите и да се обидеме да го собереме најдоброто од македонската кошарка на едно место. Веќе имав разговори со Ненад Димитријевиќ, кој не крие дека сака да дојде и да помогне на репрезентацијата. Сепак, тој се соочува со проблем на клупски план, се уште не знае дали ќе остане во Валенсија или ќе замине во друг клуб. Тој ќе биде на списокот, ќе се обиде да стане достапен за средбите во август, но ќе видиме што ќе се случи во наредниот период“, изјави Јончевски за ЕКИПА.

Вториот проблем е поврзан со настапот на Андреј Јакимовски, младиот кошаркар кој блесна на последните квалификациски средби, но според актуелниот план, ќе мора да се врати во САД непосредно пред стартот на квалификациите во месец август.

„Она што Јакимовски го има добиено како информација е дека на 23 август мора да се појави на својот универзитет во САД. Станува збор за само неколку дена и ние како федерација ќе испратиме специјален допис до универзитетот за да му биде дозволено да задоцни до крајот на нашиот циклус, со што Андреј веднаш потоа би се вратил во САД. Искрено се надеваме на позитивен одговор бидејќи тој е еден од предводниците на новата генерација во националниот тим“, вели Јончевски.

Се вчитува...