Фудбалерите на Шкендија запишаа уште една победа против Валмиера во 2. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига, триумфирајќи со 3-1 и на реваншот против Летонците за пласман во следната рунда европски натпревари и пресметка со АИК Стокхолм.
По триумфот од 1-2 на гостувањето во Рига, Шкендија и вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје доминираше против Летонците.
Уште во 11. минута по нафрлањето од прекин од левата страна, Бејтулаи со глава погоди за 1-0.
Откако летонскиот состав израмни со голот на Мурата во 25. минута, следеше вистинска мајсторија на Љупче Дориев во 33. минута за водство од 2-1. Откако во спринт истрча 80 метри минувајќи ја комплетната одбрана на противничкиот тим потоа велемајсторски погоди за предност на црвено-црните на полувремето…
Во второто полувреме продолжи доминацијата на тетовските фудбалери кои сето тоа го крунисаа со голот на Рамадани во 85. минута за конечни 3-1.
Во 3. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига, Шкендија сега на 4. август ќе се соочи со шведски АИК Стокхолм.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА