За да се биде дел од фудбалска Европа потребен е, веројатно, европски однос и на теренот и надвор од него. Факт е дека македонските клубови се далеку од било каков европски стандард, погледнато и фудбалски ако се знае дека едвај може да минат некое квалификациско коло на европската сцена, но погледнато и од организациски аспект кој боде очи токму кога ќе дојдат европските натпревари под капата на УЕФА.
Но, и покрај сите тие сознанија, зачудувачка е лошата организација која на европските натпревари ја демонстрира Шкендија затоа што, ако никој друг, токму црвено-црните од Тетово се веќе нешто помалку од десет години по ред учесници на европската сцена. Затоа крајно изненадува односот на поединците од ангажираната Агенција за обезбедување на Шкендија која на денешниот натпревар против Валмеира на арената „Тодор Проески“ во Скопје имаше повеќе од вулгарен однос кон фоторепертерите од спортските редакции, измислувајќи сопствени правила на однесување, а единствено на штета на својот клуб и очигледно поигрување со медиумите, кои ниту од далеку не кореспондираат со оние на УЕФА.
Токму поради крајно вулгарниот, дрзок и потценувачки однос од страна на припадниците на Агенцијата за обезбедување, кои, за жал трагично но вистинито, секогаш мислат дека се најважниот дел од еден спортски настан, фоторепортерите од спортските редакции од Македонија на полувремето го напуштија револтирано денешниот натпревар на арената „Тодор Проески“ од квалификациите за УЕФА Конференциската лига.
А, фоторепортерите од спортските медиуми се токму единствените кои ги следат и натпреварите на Шкендија на домашната сцена, кога нема безмалку апсолутно никаков интерес од било кој друг медиум за натпреварите од домашното првенство. Но, очигледно и оние малку спортски медиуми кои ги следат секогаш во континуитет не се добредојдени!?
Интересно, македонските клубови, сосема свесни за сопствената организациска немоќ, околу организацијата на европските натпревари ги користат ресурсите на Фудбалската федерација на Македонија, меѓу кои и оние околу безбедносната организација, затоа што ФФМ и тоа како има веќе сериозно наталожено искуство во организацијата на европските натпревари. Но, не и Шкендија, која се потпира на сопствената Агенција за обезбедување, а кои објективно се тотални аматери во оваа дејност не познавајќи ги ниту минималните регулативи околу правата и обврските на медиумите на вакви натпревари.
Токму поради тоа, фоторепортерите од домашните медиуми, поради ваквиот однос на организаторот Шкендија, најавија и бојкот на следните европски натпревари на тетовскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА