Сите играат фудбал, освен екс-ју клубовите: Малта и Фарски острови имаат повеќе претставници од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија…

Второто квалификациско коло во европските натпреварувања значеше крај за дури 11 клуба од поранешна Југославија. Некогаш кога ќе се добиеја противници од Малта или Фарски острови се знаеше дека рутински ќе поминат тимовите од регионот, но веќе тоа не е така.

Во третото коло во квалификациите од Конференциската лига, Малта и Фарски острови ќе имаат повеќе претставници од земјите од поранешна Југославија. Борац од Бања Лука уште во првото коло беше елиминиран од Торшаван од Фарски острови, а дури и за Раднички, Сутјеска и Вележ клубовите од Малта и Фарски острови беа преголем залак.

Хибернијанс, Гзира и Хамрун ќе ја бранат честа на Малта, додека Торшаван и Класвик ќе ги претставуваат Фарски острови.

Дури 11 клуба од поранешните југословенски простори го завршија настапот во 2. коло од „најмладото“ европско клупско фудбалско натпреварување. Покрај нашата Македонија Ѓорче Петров која беше елиминирана од бугарска ЦСКА Софија, натпреварувањето го завршија и: Раднички, Осијек, Ријека, Тузла, Вележ, Олимпија Љубљана, Копер, Мура, Будуќност и Сутјеска. Овие тимови губеа од клубови од Малта, Фарски острови, Република Ирска, а дури и Лихтенштајн, откако Вадуц го елиминираше словенечкиот Копер.

Сепак, во целото црнило, позитивното за македонскиот фудбал е што остануваме со уште два претставника во Европа (Шкупи и Шкендија). Шкендија во 3. коло од Конференциската лига ќе игра против шведски АИК, додека Шкупи во Лигата на Европа ќе се сретне со ирски Шамрок. Македонскиот шампион доколку загуби од Ирците се уште останува во Европа и преку последното квалификациско коло во Конференциската лига ќе има шанси да обезбеди есен во Европа.

Се вчитува...