Нема одмор за нашите судии и контролори во квалификационите натпревари во европските купови. Од страна на Судиската комисија на УЕФА младиот интернационален судија Игор Стојчевски беше избран да го суди квалификацискиот натпревар од третото коло на Конференциската лига на Европа меѓу норвешкиот клуб Молде и унгарскиот претставник Кишварда што ќе се одигра на 4 август. Ќе му помагаат Дејан Костадиновски и Гоце Петрески, четврти судија ќе биде Марјан Дејановски.
Да потсетиме дека Стојчевски на 28 јули судеше во Грузија на мечот Динамо /Битуми/ и Лех од Полска што е потврда за новото делегирање за успешното судење.
Интересно е да се напише дека во истиот авион за Осло во Норвешка заедно со Стојчевски ќе патува и претседателот на Судискиот одбор на ФФМ, сега контролор на УЕФА Димитар Мечкаровски кој на 4 август ќе го контролира судењето, исто така во третото коло на Конференциската лига меѓу норвешкиот клуб Викинг и Слиго Роверс од Република Ирска. За Мечкаровски исто така нема одмор бидејќи и тој на 28 јули го контролираше судењето на средбата во Малта меѓу Гзира и Раднички од Ниш на кој нишките фудбалери беа елиминирани од Конференциската лига, по изведувањето на пенали.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА