Веспрем денеска и официјално ја прекина соработката со Мате Лекаи, раскинувајќи го договорот со долгогодишниот унгарски репрезентативец. Лекаи имаше уште една година од актуелниот договор, но откако не се најде во плановите на тренерот Илиќ двете страни постигнаат согласност за прекин на соработката.
Овој 34-годишен ракометар беше член на Веспрем уште од 2014 година, кога пристигна во клубот од редовите на Целје. Со него во тимот Веспрем стигна до четири титули шампион на Унгарија, исто толку трофеи во СЕХА и шест во Купот на Унгарија, но остана неисполнета големата желба – искачување на врвот на ракометна Европа.
Според неофицијалните информации, следна дестинација на Лекаи би требало да биде полскиот вицешампион Висла Плоцк.
Заминување од играчкиот ростер денеска потврди и Киелце, откако белорускиот „бомбардер“ Владислав Кулеш објави дека го напушта полскиот првак.
„Со голема тага објавувам дека си заминувам од Киелце. Кога доаѓав овде во 2018, не помислував дека ова ќе ми биде вториот дом. И кога беше најтешко, сите останавме заедно и тоа е нашата најголема победа. Благодарност до сите тренери и соиграчи со кои соработував во овој период“, објави Кулеш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА