Горан Пандев доби признанија на јубилејот „100 години Беласица“, па снема струја… Мечот меѓу Беласица и Брегалница задоцни цел еден час (ФОТО)

ФК Беласица вечерва на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица со пријателски натпревар против ФК Брегалница како централно збиднување на денешниот ден, го прославува својот јубилеј „100 години Беласица“.

Непосредно пред стартот на натпреварот, јубилејот е одбележан со бројни забавни содржини, а специјален гостин на настанот беше и најдобриот фудбалер во историјата на Беласица и македонскиот фудбал, Горан Пандев.

Пандев го збогати денешниот јубилеј во Струмица, притоа добивајќи од претседателот на Беласица, Славчо Васков – Пинда, пригодни признанија за својот долгогодишен придонес за развојот на ФК Беласица и струмичкиот фудбал.

„За мене е чест и задоволство што сум денеска тука. Мора сите заедно да ја чуваме Беласица затоа што таа е нашата гордост“ – истакна пред присутните навивачи Горан Пандев.

Но, веднаш по неговото обраќање снема струја на стадионот „Благој Истатов“. Проблемот со електричната енергија трае долго време, па натпреварот меѓу Беласица и Брегалница кој треба да е заокружување на денешниот настан доцни цел еден час.

Натпреварот, поради проблемите со електричната енергија, ќе стартува од 21:30 часот.

 

Се вчитува...