МЗТ Скопје ги продолжува преговорите за формирање на квалитетен ростер со кој македонскиот првак во добро светло би се претставил при камбекот во елитното друштво во АБА-лигата.
„Металците“ веќе имаат девет кошаркари во тимот што ќе го предводи Александар Петровиќ, откако последен потпиша Андреј Андоноски, приклучувајќи им се на Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Клучна задача за раководството на МЗТ скопје сепак е да се обезбеди останувањето на Војдан Стојановски, искусниот репрезентативец кој беше меѓу најзаслужните за освојување на титулата.
„Наш приоритет во моментов е да остане Војдан Стојановски, за и во следната сезона да ги брани боите на МЗТ. Можам да кажам дека преговорите се во тек и мислам дека сме многу блиску до конечен договор, се надевам дека наскоро ќе имаме позитивни вести на оваа тема“, истакнува за ЕКИПА спортскиот директор на МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски.
„Металците“ сигурно до стартот на сезоната ќе доведат и најмалку уште едно квалитетно странско засилување.
„Не сакаме да брзаме со странците, бидејќи како што реков приоритет во моментов ни е останувањето на Војдан во клубот. Има бројни играчи што ни се нудат, меѓу нив и репрезентативци на држави од регионот, но странските засилувања ќе ги комплетираме дури откако ќе завршиме со домашните играчи во тимот. Целта е јасна, да се создаде тим со кој ќе бележиме добри игри и резултати во АБА, а воедно и ќе атакуваме на сите трофеи на домашната сцена“, вели Ѓоревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА