Ерик тен Хаг има отворени раце за составување на тимот кој ќе ја враќа славата на Манчестер Јунајтед. А, холандскиот стратег за таа цел се осврнува кон фудбалерите кои добро ги познава и има соработувано во минатото.
На „Олд Трафорд“ веќе е Дани ван де Бек, ова лето пристигна Лисандро Мартиез, голема трансфер цел е поранешниот „мозок“ на амстердамскиот тим Френки де Јонг, а од златната генерација која стигна до полуфиналето од Лигата на Шампионите постои интерес и за Хаким Зијеш.
Мароканецот е дел од Челси од 2020 година, но и покрај тоа што добиваше шанса за докажување во „синиот“ дрес не успеа да се наметне меѓу почетните единаесетмина. Во потрага по минутажа сака да замине од клубот, а ништо против нема ниту Челси.
Зијеш ова лето беше на прагот да го засили Милан, но трансферот пропадна откако лондонскиот тим го промени ставот за заминување. Како потсетување, 29-годишникот требаше да ја помине сезоната на позајмица, но Челси се откажа од идејата и посака целосен трансфер. Милан нема доволно финансии за реализација на трансферот, но Манчестер Јунајтед може да си го дозволи истиот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

