„Децата на Симиќ“ поразени од Грција – Македонија до крајот ќе стравува за местото во А-Дивизија

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години сеуште не знае за победа на Европското првенство во А-Дивизија во Измир. Избраниците на Тони Симиќ овој пат потклекаа и против Грција која беше подобар противник во поголемиот дел од мечот па на крајот заслужено славеше со 61-77.

Натпреварот започна во полза на Грција која со серија од 10-1 стигна до предност во првата четвртина, а истата ја задржа и по 10. минути игра (17-23). Нашите кошаркари возвратија со добра игра во втората четвртина во која го лимитираа противникот во нападот па не само што експресно ја намалија негатавата, туку и поведоа на полувремето со 39-38.

Изедначеното темпо продолжи на отварањето на второто полувреме, но Грците повторно успеја резултатски да се одлепат благодарејќи на мини серии па имаа предност од 50-54 пред одлучувачката четвртина. Во неа Македонија се врати на негатива од еден напад (52-54), но немаше сили за изедначување или предност. Напротив, лошиот период на „црвено-жолтите“ во нападот кој реализираше само шест поени во следните девет минути лесно го користеа „сино-белите“ на спротивната страна па брзо негативата стана двоцифрена (55-65) со што беа решение дилемите за победник.

Теодор Симиќ со дабл-дабл од 15 поени и 11 скока беше предводник на Македонија, додека него го следеа Бошалески и Шошкиќ со по 12 поени и 5 скока, односно 7 асистенции. Лидер на Грција со 18 поени, 8 скока и 6 асистенции беше Константинос Корконзелос.

И покрај денешниот пораз Македонија останува со шанса да избори место во А-Дивизија и следната година, но за тоа ќе требаат победи во следните два натпревара. Првиот од нив е против Црна Гора.

Се вчитува...