Кадетската репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во четвртфиналето од СП за ракометарки до 18 години, откако го загуби денешниот клучен дуел против Исланд со резултат 22-25. Нашите ракометарки се чини изгореа во преголемата желба, одиграа послабо отколку на претходниот дуел со Шведска, му дозволија на противникот да го диктира резултатот и да стигне до триумф со кој го освои првото место во групата, правајќи им услуга на Швеѓанките, а испраќајќи ја Македонија во борбата од деветтото до 16. место на овој шампионат.
Натпреварот го почнавме со многу нервоза поради големиот влог, а Исланд го искористи тоа за да поведе со 3-1 во раната фаза од мечот. Коловска заработи исклучување, но „црвено-жолтите“ не им дозволија на противничките дополнително да се одлепат, пред се благодарение на одличните одбрани на Чурлиновска. Исланд стигна и до „плус три“, поведувајќи со 8-5, потоа одржувајќи ја оваа предност благодарение на ефикасниот напад, па поведувајќи со четири гола предност во 21. минута (11-7). По серијата слаби напади на Исланд противничкиот селектор побара тајмаут при водство од 12-9, на одмор заминувајќи со предност од 13-10 и големи главоболки за македонскиот коримлар Љубомир Савевски.
Почетокот од второто полувреме донесе и нови проблеми, пред се во нападот, не реализиравме пенал и зицер, а Исланд се врати на „плус четири“ (15-11), а веќе во следниот напад од пенал поведе и со 16-11. Токму во тие моменти Македонија конечно се разбуди и со серија од три гола се врати на 16-14. Нашите млади ракометарки се наполнија со самодоверба, па со пеналот на Ризовска дојдоа и до само еден гол негатива (19-18). Исланд погоди кога беше најважно, Јохансдотир биеше прецизно под опасност од пасивен напад.
Савевски побара тајмаут при 20-18, Македонија веднаш постигна гол, но нашата селекција потоа не реализираше и напад за израмнување. Среќата го сврте грбот на „црвено-жолтите“, по неколкуте греди во првиот дел повторно беше затресена само рамката од исландскиот гол. Противничките знаеја како да го искористат малиот пад во концентрацијата, поведувајќи со 23-19. Исланд имаше 24-20, но Македонија се врати откако противничките останаа со две ракометарки помалку на терен. При 24-22 имавме уште една одлична шанса за гол, но Коловска не успеа од сопствената половина да ја затресе празната мрежа на Исланд. Малерите продолжија нецела минута подоцна, кога повторно при 24-22 беше досуден пенал за Македонија, но повторно ја затресовме само гредата од противничкиот гол.
Бојана Коцева со шест гола беше најефикасна во македонскиот табор, додека четири погодоци постигна Ризовска. Најдобри во победничкиот табор беа Јохансдотир и Торкелсдотир со по шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА