Љубомир Савевски не го криеше разочарувањето откако македонските ракометарки не успеаја да стигнат до посакуваниот резултат на клучниот меч со Исланд, па вечерашниот пораз значеше и губење на шансите за пласман во четвртфиналето од СП што се одржува во Скопје.
„Ние се потрошивме многу на овие натпревари, што ги одигравме со мал ростер, тоа можеби е и моја вина, но девојките ги стигна заморот. Промашивме многу, навистина премногу, којзнае што ќе беше ако оној удар во празна мрежа при „минус два“ завршеше во мрежата. Имавме и пенал што не го реализиравме, кога ќе промашиш толку многу шанси не можеш да очекуваш позитивен резултат на еден ваков натпревар“, прокоментира Љубомир Савевски.
Македонскиот селектор јавно го искажа и незадоволството од арбитражата на аргентинските судии на вечерашниот меч.
„Не сум задоволен од судењето, ниту на претходниот, ниту пак на денешниот натпревар. Не очекуваме услуги од судиите затоа што сме домаќини, но чувствувавме благонаклоност кон нашите противници. По мое мислење, имаше десетина ситуации во кои исландските ракометарки правеа очигледни чекори, зошто не ги свирнаа навистина не знам, но мое мислење е дека тоа е голема грешка на штета на нашата репрезентација“, критичен е Савевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА