Николо Заниоло речиси сигурно ќе остане во Рома и во новата сезона од Калчо-лигата, откако Жозе Мурињо го убедил брзоногиот офанзивец дека му е неопходен во атакот на скудетото.
Заниоло има само уште една година од актуелниот договор со „волчицата“, италијанскиот репрезентативец беше поврзуван со Јувентус, но најблиску до негов потпис минатата седмица беше Тотенхем. Весникот „Кориере дело спорт“ објави дека тимот на Антонио Конте имал постигнато и целосен договор со Рома, за позајмица до крајот на сезоната што би се активирала во трансфер од 50 милиони евра доколку Тотенхем обезбеди место во ЛШ за сезоната 2023/24. И самиот Заниоло имал постигнато договор со „спарси“, за во Лондон да заработува четири милиони евра сезонава, со зголемување доколку остане и подолго во клубот.
Тогаш на сцена стапил Мурињо, кој имал долг разговор со Заниоло и го убедил фудбалерот дека најдобро за него е да остане на „Олимпико“. Рома летово доведе неколку врвни засилувања со кои се надева на атак на шампионскиот трофеј, а Мурињо и покрај зголемената конкуренција во нападот му ветил и значителна минутажа на Заниоло. Откако фудбалерот се согласил да остане, Рома ги променила условите кон Тотенхем, инсистирајќи ја исплата од 50 милиони евра до крајот на месецов, без опцијата за позајмица.
Останува да се види дали останувањето на Николо Заниоло ќе значи и потпис на нов договор на овој фудбалер, или тој следното лето како слободен играч ќе си замине од „Олимпико“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА