Историјата се повтори за Вахид Халилхоџиќ, откако искусниот стратег успеа со својата репрезентација да обезбеди пласман на СП, но доби отказ непосредно пред почетокот на светскиот шампионат.
Она што претходно му се имаше случено со селекциите на Брегот на Слоновата Коска и на Јапонија, на Халилхоџиќ му се повтори со Мароко, откако вчера му беше соопштено дека тој нема да ја води селекцијата на СП во Катар. Иако имаше уште две години од актуелниот договор, Халилхоџиќ доби отказ поради конфликтот со дел од клучните играчи, предводени од „ѕвездата“ на Челси, Хаким Зијеш.
Последниот отказ сепак нема премногу тешко да му падне на 68-годишниот стратег, кој постигна договор со Мароканската Фудбалска Федерација околу висината на отштетата. Иако му следеа четири милиони евра се до истекот на договорот, Халилхоџиќ прифати сума од три милиони евра што ќе му биде исплатена одеднаш, за да го затвори и ова поглавје од својата кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

