Селекторот на македонската репрезентација, Алек Јончевски, е задоволен од сработеното во првата фаза од подготовките за претквалификациите за Евробаскет 2023 откако „црвено-жолтите“ минаа седум дена заедно во Маврово.
Кошаркарите и членовите на стручниот штаб денеска имаат слободен ден во Скопје, по што утре тргнуваат за Црна Гора, каде во вторник ќе ја имаат оваа репрезентација за ривал во единствената контрола пред почетокот на новиот претквалификациски циклус.
„Искрено сум задоволен од она што го сработивме на овие први подготовки во Маврово. Пред нас е уште многу работа, пред се на тактички план, но првите чекори се и повеќе од позитивни. Она што ме радува е што тимската хемија е на највисоко ниво, бидејќи моја желба е заедништвото да биде заштитен знак на оваа репрезентација, сите поединци да се стават во служба на националниот тим. Верувам дека сме на добар пат и очекувам максимално подготвени да ги дочекаме претквалификациските натпревари. По враќањето од Црна Гора ќе бидеме комплетни на тренинзите, бидејќи ќе ни се приклучат Димитријевиќ и Николов“, изјави Јончевски.
Македонските кошаркари првиот меч од овие претквалификации го играат на 25 август против Данска во Нествед, а три дена подоцна следи мечот против Словачка, што го играме на домашен терен, во СРЦ „Кале“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА