Екипата на Шкупи вечерва во 21 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ го почнува својот пат кон групната фаза во Лигата на Конференции, пат кон историја, и пат кој ќе го повтори успехот на Вардар пред пет години, кога „црвено-црните“ тогаш станаа прв, и засега единствен тим кој играл во групна фаза во европско натпреварување. Сега кога околностите се далеку полесни, Шкупи по елиминицијата во Лигата на шампионите, а потоа и од Лигата на Европа, добива шанса да се пласира во плеј-офот во новото натпреварување Лигата на Конференции, кое стартуваше минатата сезона.
На патот на Шкупи стои косовскиот првак Балкани, каде што спортски директор е токму поранешниот играч на тимот од Чаир, Ндерим Неџипи кој потекнува од овој тим, а потоа направи кариера во странство.
Шкупи има историска шанса, најпрво со мечот во Скопје, а потоа и по ревнашот да се пласира во групната фаза. Токму тоа е целта на чаирските „гулаби“, да „летнат“ во групната фаза.
„Дојде и тој натпревар со Балкани. Се радувам што сите играчи ни се на располагање, сите се подготвени, немам повредени ниту казнети играчи. Што се однесува до утре, треба да играме трпеливо, паметно, да одиграме најдобро досега што можеме, мислам дека сме способни, и гледам во играчите овие денови ќе го направат на утрешниот натпревар. Секако морам да кажам дека пред себе имаме доста квалитетен противник, штом стигнал до оваа фаза во плеј-офот. Утре е прво полувреме, 90 минути, се надевам дека играчите ќе дадат максимум и задачите ќе ги исполнат на теренот. Добро го анализиравме противникот, пред месец и пол одигравме пријателски меч во Струга. Кажав дека се добра екипа. Тие пријателски натпревари и овие официјални за борба во Европа се сосема различни. Атмосферата во екипата е добра, верувам дека со помош на нашата публика ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, рече Седлоски.
Фудбалерот Бесир Демири смета дека неговиот тим е поквалитетен и дека тоа треба да го покаже на теренот. Демири рече дека оваа шанса не смее да се пропушти.
„Заедно со стручниот штаб го анализиравме противникот. Мислам дека сме подготвени, и подобри, знаејќи го првенството во Косово. Но на теренот нема слаби противници. Не смееме никако да ја пропуштиме оваа шанса. Се надевам дека ќе ја добијам шансата од тренерот, и доколку се најдам во првите 11 подготвен сум да го дадам максимумот“, изјави Демири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА