Милан сака уште долго да го задржи Рафаел Леао како еден од најзаслужните за освоената шампионска титула, но преговорите за нов договор наидоа на сериозна пречка – поради огромните финансиски барања на португалскиот фудбалер.
Леао пристигна на „Сан Сиро“ од Лил во 2019 година и според актуелниот договор со важност до јуни 2024 заработува скромни 1,4 милиони евра по сезона. Милан сака да го награди крилниот офанзивец нудејќи му над тројно повисока плата од моментната, во висина од 4,5 милиони евра годишно, но и тоа е многу пониско од она што агентите на Леао го побарале во текот на преговорите. Конкретно, Леао бара плата од седум милиони евра што „росонерите“ немаат намера да му ја дадат, пред се поради фактот дека веднаш би покренала лавина од незадоволство поради кое ќе мора да се кренат платите на останатите клучни играчи во тимот.
Останува да се види дали двете страни ќе најдат заеднички јазик, а доколку тоа не се случи Милан следното лето ќе го продаде крилниот офанзивец, за да не ризикува тој на крајот од договорот да си замине без никаква оштета. Наоѓање на богат купец нема да биде никаков проблем ако се знае дека летово интерес за овој одличен фудбалер искажаа ПСЖ и Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА