Пјер Емерик Обамејанг сепак ќе биде фудбалерот што ќе го предводи нападот на Челси во новата сезона, откако „сините“ конечно постигнаа сериозен напредок во преговорите со Барселона за ангажман на голгетерот од Габон во своите редови. Томас Тухел инсистираше на нов напаѓач по летните заминувања на Вернер и на Лукаку, а изборот падна токму врз Обамејанг пред се поради фактот дека станува збор за играч со кого Тухел има соработувано во Борусија Дортмунд.
Барселона долго време инсистираше на отштета од 30 милиони евра, но каталонците исто така се во небрано, мора што поскоро да се ослободат од прекубројните играчи за можат да го регистрираат Кунде. Според „Скај Спортс“, Барселона се согласила на отштета од загарантирани 22 милиони евра, а сега се дискутира за видот на клаузули за дополнителни пет милиони евра. Сепак, истиот извор тврди дека двете страни се многу блиску до целосен договор, па Обамејанг до крајот на оваа седмица не само што ќе потпише, туку и ќе може да заигра за Челси.
„Сините“ во меѓувреме преговараат и за ангажман на нов врвен дефанзивец, а желба на Тухел е Фофана, но проблем е што Лестер не сака ни да чуе за продажба на овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

