Мурињо пак победи минимално, но и остана без уште еден важен играч

Рома и во второто коло од Калчо-лигата повторно славеше со минимални 1-0, овојпат на домашен терен против новиот прволигаш Кремонезе, кој им создаде големи проблеми на избраниците на Жозе Мурињо. Португалецот сепак има нова голема главоболка бидејќи еден ден по тешката повреда на Вајналдум, вечерва незгодна повреда на рамото заработи Заниоло, па брзоногиот офанзивец сега го очекува нова пауза од терените.

Рома од самиот старт тргна офанзивно, создаде бројни шанси, но Абрахам, Заниоло и Дибала не успеаја да го совладаат одличниот Раду на голот на Кремонезе. Пред крајот на првото полувреме се повреди Заниоло, на негово место влезе Ел Шарави, по што се намалија и бројот на шанси во гостинскиот шеснаесетник. Римјаните сепак успеаја да стигнат до три бода благодарение на Смолинг, откако искусниот дефанзивец се најде осамен на вториот дирек по еден корнер од левата страна и го матираше одличниот Раду.

Рома имаше и многу среќа во финишот, откако Кремонезе во судиското продолжение го погоди дирекот, па римјаните успеаја да ја задржат предноста и да прокнижат нови три бода на табелата.

Се вчитува...