Адеми и Ристовски ќе играат во Лигата на Шампионите, Бодо беше „скршен“ по 120 минути игра

Аријан Адеми и Стефан Ристовски ќе бидат македонски претставници во новата сезона од Лигата на Шампионите, откако нашите интернационалци со Динамо Загреб успеаја да ја минат последната квалификациска пречка – норвешкиот првак Бодо Глимт. Динамо влезе во реваншот со негатива од еден гол, но по голема драма, дури по продолженијата од два пати по 15 минути славеше со 4-1 за ново учество во европската фудбалска елита.

Динамо почна извонредно, првото полувреме го одигра на високо ниво и преку Оршиќ и Бруно Петковиќ стигна до 2-0. „Модрите“ делуваа како да го контролираат мечот, но ситуацијата на теренот се промени по неколкуте дефанзивни измени што ги направи Чачиќ. Бодо го искористи тоа, постигна гол за продолженија, а Динамо имаше и многу среќа со оглед на неколкуте промашени шанси за втор гол на Норвежаните.

Продолженијата минаа без многу возбудувања се до последните пет минути, кога Дрмиќ блесна, најпрвин погоди за 3-1, а потоа асистираше до Бочкај за конечните 4-1.

Адеми и Ристовски беа стартери за Динамо и ги одиграа првите 90 минути, по што двајцата заедно беа заменети пред почетокот на продолженијата.

Се вчитува...