Шкупи ја има последната шанса за групи, но мора да го победи Балкани

После поразот во Скопје од 1-2 од косовски Балкани, Шкупи вечерва мора да победи над Балкани, ако сака да ги задржи шансите за пласман во групната фаза во Лигата на конференции. Се освен победа, ги носи Косовците во групната фаза, што за нив ќе биде историја, затоа што ќе бидат првиот тим кој се пласирал во групи во Европа.

Чаирскиот тим уште на првиот меч во Скопје пропушти шанси за подобар резултат. Поразот тешко им падна и на фудбалерите, и на стручниот штаб и на навивачите, но и натаму не губат надеж дека може да се пласираат во групите, и да испишат историја, како клупска така и целокупна за македонскиот фудбал, бидејќи ќе бидат првите кои ќе играат во групите во Лигата на конференции.

Тренерот Гоце Седлоски после првиот меч во Скопје истакна дека Шкупи во Приштина ќе оди на победа. Се надева дека на реваншот ќе ги послужи и среќата и дека ќе бидат реализирани шансите, што не беше случај на првиот натпревар.

„Подобриот не победи на првиот меч. Имавме многу неискористени шанси. Криво ми е за вториот гол затоа што на такви голови ги предупредив играчите. Но, има уште 90 минути за играње. Шансите мора да ги користиме, затоа што потоа противниците не казнуваат. Ниту еден противник не не надигра во овие четири европски натпревари. Ништо не е завршено, ќе дадеме максимум да победиме на реваншот“, изјави Седлоски по првиот меч.

Натпреварот со Балкани почнува вечерва во 20 часот и ќе се игра на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина.

Се вчитува...