Ждрепка за ЛШ: Левандовски против Баерн, Елмас против Ливерпул

Роберт Левандовски само неколку месеци по мегатрансферот во Барселона ќе мора да се врати во Минхен, овојпат како ривал на Баерн. Двата европски гиганти беа извлечени заедно во групата Ц на денешната ждрепка за Лигата на Шампионите, а нема сомнеж дека нивните дуели ќе привлечат огромно внимание, пред се поради полскиот ас и неговите дуели со тимот во кој ги мина најдобрите моменти во кариерата. Оваа група е најтешка ако се знае дека во неа се наоѓа и италијанскиот вицепрвак Интер, така што еден еворпски великан ќе мора да биде елиминиран уште во групната фаза од Лигата на Шампионите.

Елиф Елмас со Наполи ќе биде дел од групата А, во која за ривал ќе го има европскиот вицепрвак Ливерпул. Носител на оваа група е Ајакс, тим што е ослабен на играчки план во однос на ланската сезона, а последна екипа од А-групата е шкотскиот великан Глазгов Ренџерс, кој по 12 години се враќа на елитната сцена.

Аријан Адеми и Стефан Ристовски со тимот на Динамо Загреб се најдоа во групата Е, каде за ривали ќе ги имаат Милан, Челси и Салцбург.

ПСЖ во групната фаза ќе се сретне со Јувентус, а меѓу најлесните групи дефинитивно е онаа на европскиот првак Реал Мадрид, кој ќе се сретне со Лајпциг, Шахтјор и со Селтик.

ГРУПА А: Ајакс, Ливерпул, Наполи, Глазгов Ренџерс.

ГРУПА Б: Порто, Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен, Бриж.

ГРУПА Ц: Баерн Минхен, Барселона, Интер, Плзењ.

ГРУПА Д: Ајнтрахт, Тотенхем, Спортинг Л., Олимпик Марсеј.

ГРУПА Е: Милан, Челси, Салцбург, Динамо Загреб.

ГРУПА Ф: Реал Мадрид, Лајпциг, Шахтјор, Селтик.

ГРУПА Г: Манчестер Сити, Севилја, Борусија Д., Копенхаген.

ГРУПА Х: ПСЖ, Јувентус, Бенфика, Макаби.

Се вчитува...