Шкупи остана без групи: Македонскиот шампион поразен и во реваншот од Балкани

Македонскиот фудбалски шампион Шкупи не успеа да се пласира во групната фаза од најмладото фудбалско клупско натпреварување на стариот континент Конференциската лига. Чаирчани загубија и во реваншот во Приштина овој пат со минимални 1-0.

По поразот минатата недела на арената „Тодор Проески“ во Скопје со 1-2, тимот од скопската населба повторно беше поразен од косовскиот противник.

Чаирчани уште на самиот старт влегова многу нервозно во натпреварот. Дефанзивецот Џелил Абдула доби директен црвен картон уште во втората минута, со што ги остави своите соиграчи на цедило.

Нервозата кај нашиот шампион беше евидентна и во продолжението на првото полувреме, а до крајот на првиот дел пожолте и тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.

Домаќините одиграа рутински во второто полувреме, контролирајќи го натпреварот откако беа бројчано надмоќни, а конечните 1-0 ги постави Кореница во 69. минута. Со оваа победа Балкани испиша историја за својата земја, откако стана првиот косовски клуб кој успеал да обезбеди европска есен.

И покрај тоа што беше само на чекор од Европа, Шкупи сепак летово забележа само една победа во европските натпреварувања и тоа во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите против гибралтарскиот Линколн на домашен терен.

Шкупи сега се враќа на обврските во Првата македонска фудбалска лига, каде има за задача да ја одбрани титулата освоена минатата сезона.

Голот на Балкани можете да го погледнете на следниот линк.

Се вчитува...