Јокиќ ја доби мега средбата против Јанис во Белград, но Србија остана без Мициќ

Мега средбата во Белград помеѓу НВА ѕвездите на Србија и Грција, Никола Јокиќ и Јанис Адетокумпо и припадна на домашните кошаркари кои по прдолженија славеа со 100-94. Србите имаа шанса да го решат победникот уште во регуларниот дел од мечот, но Грција беше таа која успеа да надомести негатива од осум поени за минута и пол и донесе дополнителни пет минути.

Во нив царуваше Никола Јокиќ. МВП-то на НБА лигата постигнуваше поени, асистираше, забележа и украдени топки на спротивната страна па донесе огромна победа за Србија во квалификациите за Светското првенство 2023.

Јокиќ со 29 поени, 8 скока и 6 асистенции беше лидер на Србите, додека него го следеше Огњен Јарамаз со 15 поени. Јанис Адетокумпо броеше до 40 поени на кои додаде и 8 скока и 5 асистенции.

Пех за Србите на шест дена пред почетокот на Европското првенство е повредата на Василије Мициќ кој при крајот на првото полувреме ја свитка десната нога и притоа доживеа дисторзија на скочниот зглоб. Откако му беше укажана помош на теренот, Мициќ беше изнесен и однесен во соблекувална и не се врати на паркетот.

Во полза на Србија беше и натпреварот помеѓу Летонија и Турција во кој Летонците ги демолираа Турците, забележувајќи убедлива победа од 111-85. Во останатите натпревари од групата „И“, Белгија славеше над Велика Британија.

На победа се радуваше и Словенија која на крилјата на Лука Дончиќ и неговите 22 поени, 11 скока и 8 асистенции славеше на домашен терен против Естонија. Победи во групата „Ј“ забележаа и останатите фаворити, Германија славеше со 50-67 над Шведска, додека Финска со 79-73 го доби дуелот против Израел.

Се вчитува...