Босна и Херцеговина и покрај сите проблеми и прашањето дали ќе успее да учествува на Европското првенство, ја шокираше фаворизираната Франција на домашен терен. Репрезентативците на Босна и Херцеговина во еден неверојатен натпревар по две продолженија славеа на домашен терен со 96-90.
Домаќините одлично го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа предност од плус четиринаесет (28-14). Сепак, Французите одиграа фуриозно во вториот период во кој постигнаа 32 поени и на пауза заминаа со позитива од (38-46). Кошаркарите на Босна и Херцеговина одиграа феноменално во третиот период дозволувајќи му на противникот да постигне само пет поени и во последните десет минути влегоа со предност од 57-51.
Натпреварот влезе во неизвесна завршница, a со поените на Фурние на десет секунди до крајот Франција израмни на 76-76 и натпреварот замина во продолженија. И првото продолжение не донесе победник откако резултатот беше 83-83, па натпреварот замина во нови дополнителни пет минути. Таму домашните кошаркари подобро се снајдоа и стигнаа до конечен триумф од 96-90. Јусуф Нуркиќ со 21 поен беше прво име во таборот на победникот, додека кај Французите Еван Фурние заврши со 24 поени.
Шпанија и Литванија не дозволија изненадување во нивните мечеви против Холандија и Црна Гора. Литванците славеа со убедливи 90-73 против Црна Гора која имаше сила само за едно полувреме, додека иако Шпанците почнаа споро и во првата четвртина имаа негатива од 24-17, до крајот ја прегазија Холандија за конечни (64-86). Унгарија изненадувачки славеше на гостувањето кај Чешка со 79-82, додека Италија ја совлада Грузија на домашен терен со 91-84.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

