Кошаркарската селекција на Словенија доби „шлаканица“ на четири дена пред почетокот на европскиот шампионат, губејќи со убедливи 90-71 на гостувањето против Германија, во рамките од квалификациите за СП 2023. Словенците беа предводени од Дончиќ и од Драгиќ, но актуелните европски прваци добија лекција по залагање и мотивираност од германските кошаркари, кои повеќе ја посакуваа победата и заслужено стигнаа до триумф на овој дуел.
Словенија беше подобар ривал само во првите десет минути што „сините“ ги добија со 17-20. Остатокот од мечот мина во германска доминација, а домаќините клучната разлика ја направија во третата четвртина што ја добија со 28-15, стигнувајќи до двоцифрена предност што ја задржаа до самиот крај. Германците целосно ја добија битката под обрачите со 56 скока наспроти само 27 на словенечките репрезентативци.
Шредер со 17 поени и 10 асистенции, Вагнер со 16 поени и Фоигтман со 11 поени и 14 скокови беа најистакнати во таборот на Германија, додека Дончиќ со 23 и Тоби со 12 поени беа единствените со двоцифрен ефект во таборот на актуелните европски шампиони.
Германците со овој триумф направија уште еден чекор напред кон билет за СП, задржувајќи се на првото место во групата со скор од седум победи и еден пораз. Словенија моментно се наоѓа на третото место со пет победи и три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

