Македонската кошаркарска репрезентација августскиот прозорец на ФИБА во претквалификациите за Евробаскетот 2025 ги завршува со две победи во два натпревара откако на домаше терен славеше против Словачка со 79-75. Словаците беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, но Македонија беше најдобра кога беше најпотребно. Одбраната дозволи само еден поен во последните осум минути од мечот, а младите Јакимовски и Димитријевиќ знаеја да ја искористат предноста во одлучувачките минути, комбинирајќи 13 поени во финишот за значаен камбек.
Македонија го отвори натпреварот со две тројки во низа, а имаше и шанса веќе во воведните минути да стиге до висока предност, но откако истата беше испуштена следеше одговор од Словаците. Течниот напад на гостите им донесе лесни поени во рекетот преку Мокрaн, а нашите репрезентативци не успеаја да го задржат ритамот. Словачка влезе и во ритам во обидот за три поени, го затвори рекетот и стигна до предност од 19-26 по првите 10. минути игра. Гостите продолжија да го контролираат мечот и во втората четвртина во која не функционираше нашиот напад. Единствен расположен беше Јакимовски, но енергијата на младиот играч не бе доволна за да се сопре двоцифрена предност на Словачка (26-36). Тајм-аутот на Јончевски вроди плод, Македонија заигра далеку поагресивно во одбраната, капитенски одигра и Стојановски, но и покрај тоа што во еден момент негативата изнесуваше само еден напад (38-41), Македонија мораше да се задоволи со 40-46 на полувремето.
Отварањето на второто полувреме повторно беше во знакот на Словачка која најде решение во нашиот рекет па ја врати двоцифрена предност во своја полза. Но, како што одминуваа минутите Македонија заигра далеку подобро на двата дела од теренот, а и покрај тоа што реализација за три поени повторно не беше на наша страна во вистински момент погоди Јакимовски, во ритам влезе и Димитријевиќ па “црвено-жолтите” стигнаа до негатива од еден напад. А, за да не дојде до пресврт се погрижи Мокран кој погоди зад линијата 6,75 па Словачка ја задржа предноста и пред одлучувачката четвртина (59-63). Во неа избраниците на Јончевски продолжија да бркаат негатива, а по невозможниот обид на Димитријевиќ за три поени се најдоа повторно на негатива од еден напад (66-68). Македонија пропушти пет обиди да стигне до изедначување, но во шестиот стигна до водство откако за три поени погоди Јакимовски (69-68). На крилја на младиот кошаркар и одличната одбрана на нашите репрезентативци дополнително се зголеми предноста, а по влезот на Димитријевиќ истата се искачи на два напада (73-69) за решавање на дилемата за победник и пред пенал-завршницата.
Ненад Димитријевиќ со 20 поени, 7 асистенции и 4 скока повторно беше лидер на Македонија, а него го следеа Андреј Јакимовски со 15 поени и 5 скока и Војдан Стојановски со 15 поени и 3 скока. Јакуп Мокран ја предводеше Словачка дабл-дабл од 18 поени и 10 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА