Стивен Џерард се соочува со сериозна опасност да биде отпуштен од Астон Вила откако поранешниот капитен на Ливерпул не успеа да го разбуди тимот по серијата слаби настапи во финишот од ланската сезона.
Вила загуби на домашен терен од Вест хем за трет овосезонски пораз (славеше само над Евертон), но уште попроблематичен е фактот дека овој тим на последните 15 премиерлигашки дуели има само три победи. Џерард беше критикуван уште пред стартот на сезоната откако му ја одзеде капитенската лента на најдобриот дефанзивец Тајрон Мингс, а атмосферата во екипата е сериозно нарушена.
Навивачите се бесни и гласно ги коментираат неговите одлуки, потенцирајќи го фактот дека управата инвестирала 136 милиони фунти во нови засилувања откако Џерард дојде на клупата, но поранешниот англиски репрезентативец воопшто не ја искористил шансата што му била дадена.
На потег е управата, a во прилог на Џерард не оди ниту распоредот, ако се знае дека Вила веќе в среда му гостува на Арсенал, уште еден меч на кој се очекува пораз на неговите избраници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

