Почнува УС опен: Ѓоковиќ го нема, Надал го брка 23. гранд-слем трофеј, збогум за Серена

Денеска почнува последниот гранд-слем турнир во сезоната, Отвореното тениско првенство на Соединетите Американски Држави. Новак Ѓоковиќ поради тоа што не е вакциниран ќе го пропушти и УС опен, нешто слично што му се случи и во Австралија на почетокот на годината.

Поради овој факт Рафаел Надал има поголеми шанси за освојување на 23. гранд-слем трофеј и со тоа повторно да му побегне на два на Србинот кој досега ги собра 21. Покрај Надал меѓу фаворитите за освојување на трофејот се вбројуваат и актуелниот шампион Данил Медведев како и Гркот, Стефанос Циципас и Карлос Алкараз. Како фаворити од сенка се и Шпанецот, Пабло Карено-Буста и Хрватот Борна Чориќ кои одиграа одлично на американската турнеја.

Кај дамите најдобрата тенисерка на сите времиња, Серена Вилијам ќе го има своето збогум од гранд-слем турнирите. Токму домашниот гранд-слем ќе биде последен во нејзината кариера во која стигна до 23. трофеја од најсилните турнири во светот. Кај дамите како и неколку претходни турнири нема изразит фаворит и буквално секоја тенисерка со добра форма може да стигне до самиот крај.

Се вчитува...