Новото издание на УС Опен почна со изненадувачки резултат, откако во првиот меч што финишираше во машка конкуренција елиминиран беше 16. носител Роберто Баутиста Агут. Тој за противник го имаше Американецот Џон Волф, кој изненади со одлична игра и заслужена победа од максимални 3-0 во сетови.
Волф направи брејк во петтиот гејм од првиот сет и ја задржа минималната предност за водство од 6-4. Американецот потоа спаси две брејк топки на самиот старт од вториот сет, за својата шанса да ја искористи пред самиот крај на сетот, за нов сет добиен со идентични 6-4. Баутиста Агут беше шокиран, а Волф го искористи тоа за брејк во раната фаза од третиот сет, и повторно триумф со 6-4, за 3-0 во сетови и пласман во следната рунда.
На женскиот дел од турнирот, Каролин Гарсија продолжи со одлични игри по освојувањето на турнирот во Синсинати, попладнево славејќи над Русинката Рахимова со 2-0 во сетови. Дона Векиќ загуби од Кудерметова со 0-2 во сетови, додека Сакари ја совлада Германката Марија со 2-1 во сетови, триумфирајќи со максимални 6-0 во решавачкиот сет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

