Шкупи „без муниција“ со „фенерџијата“, Струга ТЛ го „дрма“ и Силекс, Шкендија со пресврт до предност во Кавадарци (ВИДЕО)

Фудбалерите на Струга ТЛ продолжуваат со одличните игри на стартот од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, стекнувајќи се со предност од 1-0 против Силекс уште на полувремето од 5. коло.

На дуелот кој се игра во Струга, избраниците на Срѓан Захариевски до предноста дојдоа со голот на Бесарт Ибраими од пенал во 32. минута од средбата. Претходно, Ибраими сам се избори за ударот од белата точка.

Најголемите возбудувања во првиот половина час од денешните натпревари од 5. коло во Првата македонска фудбалска лига во Кавадарци.

Тиквеш ја шокираше Шкендија со голот на Спахиу уште во 19. минута за водство од 1-0.

Но, тетовци многу брзо израмнија, повторно по прекин, по корнерот од левата страна Ферхан Хасани во 22. минута со глава погоди за израмнување на дуелот…

Во 42. минута следеше комплетен пресврт на дуелот. По шутот на Дориев и одбиената топка од домашниот голман, Бруно Дита од непосредна близина донесе водство од 1-2 за Шкендија.

На полувреме со предност од 1-0 е и Академија Пандев кој од 12. минута дојде до водство против Скопје во Струмица со голот на Митровски.

Се вчитува...