Гоце Седлоски не е повеќе тренер на Шкупи. Тренерот на чаирскиот тим после ремито со Победа 1-1, си поднесе оставка од функцијата. Неубедливите игри на стартот од сезоната, и пред се елиминацијата од Европа беа клучните причини за повлекувањето на македонската фудбалска легенда.
Оставката на Седлоски беше најавена веднаш по натпреварот, а вечерва тренерот се заблагодари на сите и му посака многу успех на Шкупи во иднина.
„Почитуван претседателе, драги играчи, почитувана управа, мои тренери и почитувани навивачи, од се срце сакам да се заблагодарам на соработката со мене. Голема чест ми беше да работам со луѓе како вас. Тоа беа за мене прекрасни незаборавни мигови минати заедно Го донесов она што го ветив во клубот со ваша помош, со многу труд, радости, емоции, а сето тоа го постигнавме поради тоа што бевме една фамилија. И кога беше тешко, сите живеевме еден за друг и го дававме максимумот. Јас дадов се од себе ФК Шкупи да биде на врвот. Исто така на клубот му посакувам многу успех во иднина. Среќно на сите!“, се вели во оставката на Седлоски, која се појави на социјалните мрежи.
Седлоски дојде во Шкупи во сезоната 2020/2021, а веќе следната ја донесе титулата на тимот. Имаше само една победа во Европа, и му беше потребна уште една да се пласира во групната фаза, што ќе беше најголем успех на клубот.
Седлоски во минатото го водеше Вардар, Хоризонт Турново, Динамо Загреб 2, Рига и Широки Бријег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА