Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 експресно го завршија настапот во квалификациите за ЕХФ Лигата на Европа, откако беа елиминирани од австрискиот претставник Алпла. По поразот од три гола на првиот меч во Австрија, младите „фармацевти“ вечерва загубија и во Битола (24-27), ставајќи крај на надежите дека би можеле да ја продолжат првата европска авантура во клупската историја.
Дуелот почна токму онака како што посакуваше тренерот Александар Јовиќ, откако неговиот тим преку Талевски и Атанасијевиќ набрзина стигна до предност од 3-0. Сепак, австрискиот претставник се разбуди и не дозволи серијата на битолчани да продолжи, па веќе во седмата минута резултатот беше израмнет на 3-3. Гостите првото водство го имаа при 7-8, Еурофарм Пелистер два се врати и преку Белистојановски за момент поведе со 11-10, но потоа следеше одлична серија на Алпла, постигнувајќи четири гола во низа, за по последниот гол на Белистојановски на одмор да се замине со водство на Австријците од 12-14.
Младите „пелистерци“ се обидоа да сторат нешто повеќе на стартот од вториот дел, намалија на 16-17 и на 17-18, но потоа целосно капитулираа. Десет минути траеше постот без постигнат гол на противникот што Австријците го искористија за да се одлепат на одлични плус пет (17-22). Митревски конечно погоди за Еурофарм Пелистер 2, но веќе беше доцна, Алпла рутински ја задржа предноста до конечните 24-27.
Белистојановски со шест гола беше најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер 2, четири пати реализираше Атанасијевиќ, а по три погодоци постигнаа Арсеновски и Ивановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА