Меч за паметење на Адетокумбо – втор играч во историјата со над 40 поени на Евробаскет

Јанис Адетокумбо одигра меч за паметење за Грција против селекцијата на Украина, предводејќи ја својата селекција до триумф од 99-79 и чекор напред кон осигурување на првото место во групата. Адетокумбо беше незапирлив, реализирајќи 41 поен (13/18 од игра, 15/18 од слободни фрлања, со што стана само втор играч во историјата што постигнал над 40 поени на меч од еден европски шампионат (првиот беше Дирк Новицки, со 43 на меч од Евробаскет 2001).

Грците го отворија мечот фуриозно, набрзина поведоа со 10-2, но Украина изненади враќајќи се целосно пред крајот на четвртината, а потоа во вториот период и вртејќи го резултатот во своја полза. На одмор се замина со водство на Украинците од 39-46, но селекторот Итудис успеа да ги мотивира своите играчи, па Грција на терен во второто полувреме делуваше како сосема друга репрезентација. Одбраната беше супер-агресивна, додека во нападот предводени од Адетокумбо грчките кошаркари немаа проблем не само да го свртат резултатот, туку и на крајот да стигнат до убедлива победа од конечни „плус дваесет“.

Адетокумбо ја предводеше Грција со 41 поен и 9 скокови, а по 13 поени за Грција постигнаа Калатес и Дорси. Најефикасни во таборот на Украина беа Михаиул и Санон со по 16 постигнати поени.

Се вчитува...