Денеска се игра еден заостанат натпревар од Првата македонската фудбалска лига. Тиквеш на домашен терен го пречекува првакот Шкупи во меч во рамките од 1. коло, со оглед дека нивниот меч беше одложен поради настапите на чаирчани во Европа.
За Шкупи можеби ќе беше подобро да се одигра мечот, со оглед дека сега тимот е во сосема различна форма од онаа што беше во првите денови од новата сезона. Чаирчани сега се „раздрмани“, останаа без тренер, без стоперот Сенгор, во една ситуација во која има лоша атмосфера, особено после „ремито“ со Победа и поразот од Брегалница. Со нов тренер во името на Гокхан Бозкаја, на Шкупи ќе му треба многу време да се консолидира. Чаирскиот тим денеска во Кавадарци ќе настапи и без Сандеј Адетунџи поради црвениот картон минатото коло.
Ниту во Тиквеш ситуацијата не е идентична како на почетокот на сезоната. Кавадарчани по серијата на лоши резултати се збогуваа со тренерот Влатко Костов, а на денешната средба тренер ќе биде Ѓорѓи Мојсов, се додека не се најде идеално решение за клупата. Но, последните резултати на Шкупи, даваат надеж дека Тиквеш може да направи изненадување на свој терен и да ја прекине лошата серија.
За двата тима бодовите се многу важни, и затоа се очекува жестока битка денеска. Тиквеш сака да избега од долниот дел на табелата, а Шкупи, конечно да фати ритам и да се приклучи кон водечките, бидејќи лидерот Струга Т.Л. избега многу од конкурентите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

