Словенската кошаркарска ѕвезда Лука Дончиќ во вторникот поднел барање до Канцеларијата за патенти и заштитни знаци на САД со кое бара поништување на регистрацијата за заштитен знак „Лука Дончиќ 7“, кој е во сопственост на неговата мајка, Мирјан Потербин.
Според словенските медиуми, поднесување на пријавата е најновиот чекор кој го превземал 23-годишникот во обидот целосно да ја врати контролата на своите брендови.
Почетокот на приказната датира од неговата прва сезона во НБА кога неговата мајка доби согласност за регистрација на неговото целосно име како заштитен знак, а несогласувањата започнале кога кошаркарската ѕвезда се обидела да го патентира името „Лука Дончиќ“.
Од страна на Канцеларијата за патенти и заштитни знаци на САД тој добил негативен одговор поради патентот кој е во сопственост на неговата мајка, а таа не сакала да се откаже од него.
Во тужбата која е поднесена од страна на адвокатската канцеларија „Браун Радник“ стои дека Дончиќ не е поврзан со брендот „Лука Дончиќ 7“, и дека не одобрува пласирање на роба и услуги под споменатото име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

