Црногорската кошаркарска репрезентација учеството на Евробаскетот 2022 го заврши во осминафиналето откако загуби од Германија во Берлин. Црногорците одиграа лошо прво полувреме, но успеаја негативата од 24 поени да ја претворат во заостаток од само еден напад.
Притоа беа на добар пат да приредат и неизвесна завршница, но на крајот пресудни беа судиските одлуки. Откако над Дубљевиќ не беше досуден очигледен прекршок, на 24 секунди пред крајот на Пери му беше досудна неспорска лична грешка откако натурализираниот Американец се обиде да го сопре нападот при резултат 80-77, а потоа домаќините на Евробаскетот имаа лесна задача да ја заверат победата.
Револтот по средбата го искажаа дел од кошаркарите, а и селекторот Бошко Радовиќ кој изјави дека неговиот тим во текот на целиот меч играл „осум на пет“.
„Игравме пет против осум во текот на целиот натпревар, а ние и така и вака имаме скратена ротација и за „пет на пет“. Имаше многу чудни одлуки, а секоја спорна одеше во корист на Германија, ниедна за нас. Но, криви сме самите бидејќи одигравме полошо прво полувреме“, изјави Радовиќ.
„Од почетокот на турнирот се случуваат необјасниви работи. Во текот на целата кариера се трудам да не коментирам судии, но ова првенство е најлошото во историјата. На Дубљевиќ на три разлика не му судат прекршок, мене ме буткаат зад грб на положување, а нив им даваат четири слободни фрлања“, изјави Владимир Михаиловиќ.
Евробаскетот 2022 е најсилниот турнир во последните години со настап на НБА и евролигашки ѕвезди, но одличните настапи на паркетот често остануваат во сенка на контроверзното судење.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

